Кога станува збор за фотографирање и јавно објавување на фотографии од јавен настан, треба да се знае дека во секој случај треба да се утврди постоење на правен основ за обработката на лични податоци.
На пример, во некои конкретни случаи правен основ може да биде легитимен интерес, согласност, јавен интерес.
Во случај на легитимен интерес, обработката на лични податоци може да се смета дека се заснова на легитимен интерес на деловниот субјект, освен кога пред таквиот интерес предимство имаат интересите или основните права и слободи на субјектите на лични податоци кои налагаат заштита на личните податоци, особено кога субјектот на лични податоци е дете.
Оттука, иако законот не исклучува фотографирање на јавен настан, физичките лица треба да бидат известени однапред за фотографирањето и за намерата фотографиите да се објават на социјалните мрежи, веб-страницата на компанијата или преку други медиуми.
Притоа, лицата може да бидат информирани за намерата за фотографирање и објавување на фотографиите преку поставување на известување на истакнато место.
Исто така, кога обработката на лични податоци се заснова на легитимен интерес, претходно треба да се направи тест за балансирање (тест за легитимниот интерес) за да се утврди што преовладува во конкретниот случај: легитимниот интерес на компанијата или правото на заштита на личните податоци на граѓаните.
Доколку деловниот субјект не може да го докаже својот легитимен интерес, личните податоци можат да се обработуваат според некој друг правен основ, на пример, согласност добиена според законот.
Остави коментар
You must be logged in to post a comment.