За да остварите одредени права секојдневно давате лични податоци на разни организации, фирми, поединци. На пример, бројот на кредитната картичка кога купувате, податоци за здравствената состојба на осигурителните компании, при пополнување на разни формулари за добивање на кредит, попусти во маркети или продавници, за добивање на членски карти во библиотеки, видеоклубови; податоци за учество во наградни игри и патувања итн.

Личните податоци се информации кои се однесуваат на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува.

Лични податоци се содржани во матичните книги на родени, венчани, умрени. Посебно важни се: името, презимето, матичниот број на граѓанинот, адресата на живеење. Исто така лични податоци се и телефонскиот број, бројот на банкарската сметка, занимањето, вид на образование, псевдонимот, семејната состојба, фотографијата, сексуалната ориентација, биометриските и генетските податоци и сл.

Личните податоци треба да се обработуваат и чуваат во согласност со Законот за заштита на личните податоци и останатите законски прописи во кои е регулирана оваа материја.

Секогаш кога ги давате личните податоци, треба да бидете внимателни и информирани за целта заради која се собираат личните податоци.

Сите лични податоци не уживаат еднаков степен на заштита. Постојат посебни категории на лични податоци, а посебна заштита ужива и матичниот број на граѓанинот како личен податок врз основа на кој со сигурност може да се утврди идентитетот на определено лице.