Агенцијата за заштита на личните податоци ја информира јавноста дека Управниот суд донесе пресуда со која го потврди Решението на Комисијата за одлучување по прекршок при Агенцијата за заштита на личните податоци, донесено на 21.01.2026 година, со кое беа изречени прекршочни санкции поради незаконска обработка на лични податоци.
Постапката беше поведена по Барање за поведување прекршочна постапка поднесено од супервизорите на Агенцијата, по претходно спроведена супервизија.
Во прекршочната постапка беше утврдено дека на 11.04.2025 година, при користење на националниот систем за електронско здравство „Мој термин“, бил издаден упат на име на пациентка која тој ден воопшто не користела здравствени услуги. Во упатот биле внесени здравствени податоци кои се однесувале на друго лице, по што врз основа на истиот биле генерирани дополнителни упати и медицински извештаи што ги содржеле личните податоци на пациентката, но со неточни здравствени податоци.
Со ваквото постапување беше утврдено дека се извршила незаконска обработка на личните податоци, што претставува прекршок согласно член 111 став (1) точка 2), во врска со ставовите (2) и (3) од Законот за заштита на личните податоци.
Со Решението на Комисијата за одлучување по прекршок беа изречени следните санкции:
- на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија – Скопје, како контролор, ѝ е изречена глоба во износ од 466.632 денари;
- на вршителот на должноста директор, како одговорно лице во правното лице, му е изречена глоба во износ од 18.490,92 денари;
- на докторот, како службено лице, му е изречена глоба во износ од 21.572,74 денари.
Со потврдувањето на Решението од страна на Управниот суд, изречените прекршочни санкции станаа правосилни.
Агенцијата потсетува дека контролорите се должни да обезбедат точна, законита и безбедна обработка на личните податоци, особено кога станува збор за обработка на посебни категории на лични податоци, какви што се здравствените податоци. Внесувањето неточни податоци во информациски системи може да има сериозни последици врз правата на пациентите, квалитетот на здравствената заштита и довербата во здравствениот систем.
Со објавувањето на оваа информација, Агенцијата има за цел да ја информира јавноста за правосилно завршените прекршочни постапки и да придонесе кон подигнување на свеста за значењето на законитата обработка и заштитата на личните податоци.
Во периодот од 17-19 Мај, 2026 година, Агенцијата го организираше […]
Во периодот од 04 до 09 мај 2026 година, директорот […]


