Агенцијата за заштита на личните податоци ја информира јавноста дека до Агенцијата се доставени обраќања од правни субјекти кои бараат појаснување во врска со комерцијални понуди што ги добиваат од приватни компании за услуги поврзани со усогласување со прописите за заштита на личните податоци, изработка на документација, имплементација на технички и организациски мерки, издавање сертификати и други сродни услуги.
Во врска со наведеното, Агенцијата укажува дека не овластува, не акредитира, не препорачува и не промовира приватни компании, консултанти или други даватели на услуги за усогласување со Законот за заштита на личните податоци. Исто така, Агенцијата не потврдува, не признава и не одобрува сертификати издадени од приватни субјекти како доказ за исполнување на обврските утврдени со Законот за заштита на личните податоци, освен во случаи кога тоа е изречно предвидено со овој закон.
Усогласувањето со прописите за заштита на личните податоци е обврска на секој контролор и обработувач, кој е должен да примени соодветни технички и организациски мерки согласно природата, обемот, контекстот и целите на обработката, како и ризиците за правата и слободите на физичките лица.
Законот за заштита на личните податоци не предвидува обврска за правните субјекти да користат услуги од конкретен давател, ниту пак бара поседување сертификат издаден од приватен субјект како услов за усогласеност со законот.
Ангажирањето на консултанти или други стручни лица е деловна одлука на секој правен субјект и не претставува обврска предвидена во Законот за заштита на личните податоци.
Агенцијата ги повикува сите правни субјекти внимателно да ги разгледуваат комерцијалните понуди што ги добиваат, а доколку имаат дилеми во однос на нивните законски обврски или доколку во понудите се создава впечаток дека одредени услуги или сертификати се одобрени, препорачани или потврдени од страна на Агенцијата, да се обратат директно до Агенцијата за заштита на личните податоци.
Агенција за заштита на личните податоци
Во периодот од 17-19 Мај, 2026 година, Агенцијата го организираше […]
Во периодот од 04 до 09 мај 2026 година, директорот […]
Заменик директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци м-р […]


