Директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци, заедно со претставник од Агенцијата, учествуваше на 2 октомври 2026 година на седмиот состанок на независните надзорни органи за заштита на личните податоци од земјите од Западен Балкан, одржан во рамки на иницијативата Privacy4Balkans, во просториите на Агенцијата за заштита на личните податоци на Босна и Херцеговина.
На состанокот учествуваа претставници на надзорните органи за заштита на личните податоци од Република Северна Македонија, Република Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Во фокусот на состанокот беа прашања од заеднички интерес за надзорните органи, со посебен акцент на активностите и натамошните чекори поврзани со компанијата Meta, размената на искуства од практиката и унапредувањето на меѓуинституционалната соработка во регионот.
Се разменија искуства и ставови за предизвиците поврзани со забрзаниот развој и сè пошироката примена на новите технологии, особено вештачката интелигенција, како и за прашањата поврзани со обработката на личните податоци и заштитата на правата на физичките лица.
Во овој контекст, беше истакната важноста на континуираната соработка и координација меѓу надзорните органи од регионот, со цел размена на искуства и добри практики, како и поефикасно справување со заедничките предизвици во областа на заштитата на личните податоци.
Редовните состаноци во рамки на иницијативата Privacy4Balkans претставуваат значајна платформа за унапредување на регионалната соработка и за развивање координирани пристапи кон актуелните прашања поврзани со заштитата на личните податоци и новите технологии.