
Од 2-3 декември 2025 година Агенцијата учествуваше на 112та Пленарна седница на Европскиот одбор за заштита на личните податоци (ЕОЗЛП) во Брисел, Белгија. За време на својата последна пленарна седница, Европскиот одбор усвои препораки за правната основа за барање на креирање кориснички сметки на веб-страниците за е-трговија. Покрај тоа, Одборот имаше прелиминарна дискусија за предлогот за Дигитален омнибус и го назначи новиот заменик-претседател на Европскиот одбор.
Во текот на дводневната седница Европскиот одбор усвои препораки за разјаснување кога веб-страниците за е-трговија можат да бараат од своите корисници да креираат сметка. Препораките ги истакнуваат напорите на Eвропскиот одбор за промовирање прагматични, лесни за користење практики кои ја заштитуваат приватноста во секторот за е-трговија. Препораките се предмет на јавна консултација, давајќи им на засегнатите страни можност да коментираат и да дадат повратни информации.
Европскиот одбор имаше прелиминарна дискусија за предлогот за Дигитален омнибус, за кој ЕОЗЛП и Европскиот супервизор за заштита на личните податоци (ЕДПС) ќе издадат заедничко мислење. Во својата Хелсиншка изјава од јули 2025 година, ЕОЗЛП даде предлози со цел да се постигне поголема јасност, поддршка и ангажман за ефикасна дигитална регулатива и остануваат посветени на наоѓање решенија за полесно усогласување со Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR) особено за малите организации. Европскиот одбор и ЕДПС ќе се фокусираат на тоа како предлогот на Европската комисија ќе влијае врз основните права на поединците и дали тоа ќе доведе до поедноставување за организациите и поголема правна сигурност.
На пленарната седница членовите на ЕОЗЛП со гласање ја назначија Јелена Вирант Бурник, Комесар за информации на Република Словенија, за нов заменик-претседател на Одборот. Во текот на наредните години, Јелена Вирант Бурник ќе соработува тесно со претседателката на ЕОЗЛП, Ану Талус, и колегата заменик-претседател Здравко Вукиќ, за да обезбеди доследна примена на правилата на ЕУ за заштита на личните податоци и да промовира ефикасна соработка меѓу органите за заштита на податоците низ цела Европа.
Во период од 2 до 4 декември 2025 година, во […]
На 12.10.2025 година Агенцијата за заштита на личните податоци преку […]


