Имате право да бидете информирани за обработката на вашите лични податоци од страна на оние кои ги собираат и чуваат (контролори) и тоа за:
- идентитетот и/или контакт деталите на нивниот овластен претставник/офицерот за заштита на личните податоци;
- целите на обработката/правниот основ за обработката на личните податоци, а особено за легитимните интереси што се остваруваат;
- корисниците на лични податоци;
- намерата за пренос на личните податоци во трети земји/организации;
- роковите на чување;
- вашите права;
- правото да ја повлечете согласноста доколку сте ја дале;
- правото да поднесете барање до Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП); и
- постоењето на автоматизирани процеси на одлучување, вклучувајќи и профилирање.
Во случај кога личните податоци ги добиваат од други извори, контролорите се должни да ви обезбедат информации за изворите и категориите на личните податоци.
Овие обврски не се применуваат кога веќе сте добиле такви информации.
Информации што ви ги обезбедуваат мора да бидат концизни, транспарентни, разбирливи, лесно достапни, и да бидат дадени на јасен и разбирлив јазик.
Пример:
Сте се регистрирале за користење услуги за електронска пошта и по регистрацијата ги добивате сите информации пропишани во член 17 од Законот за заштита на личните податоци.
Неколку месеци подоцна, ја активирате функцијата за праќање инстант пораки и од вас се бара да обезбедите дополнителни податоци, т.е. телефонски број.
Во овој случај, давателот на услугата ќе ви ги даде сите информации пропишани со закон во врска со обработката на телефонски броеви (на пр., целите, роковите на чување), но нема обврска да ви ги обезбеди информациите коишто сте ги добиле неколку месеци претходно.