Законот за заштита на личните податоци (ЗЗЛП) предвидува неколку права:
- Право на информираност;
- Право на пристап;
- Право на исправка и бришење.
Право да бидеш информиран
ЗЗЛП предвидува право на секој граѓанин да знае кои податоци контролорите ги собираат и чуваат за нив. Исто така во Законот е предвидено и право на секого да знае за која цел ќе се собираат и чуваат негови лични податоци. И во случај кога го знаеш лицето односно контролорот кои има твои податоци, ти мора да бидеш информиран за целта заради која се прибираат и чуваат личните податоци.
На пример, доколку си зачленет во некој клуб и имаш добиено членска карта, тоа не му дава право на клубот во кој ти членуваш право да ги даде на користење твоите податоци на некоја продавница за спортска опрема без твоја претходна согласност.
Право на пристап/увид
ЗЗЛП го гарантира правото на секого да дознае кои лични податоци се собираат и чуваат за него.
Тоа значи дека ти имаш право да се обратиш до лицето или било која организација која обработува твои лични податоци (банка, продавница, клуб, здружение, невладина организација..итн.). Доколку тие имаат твои лични податоци, должни се да одговорат на твоето барање. Со ова право на пристап до личните податоци, ти вршиш еден вид контрола на точноста на твоите податоци. Доколку истите се неточни, застарени и сл. ти имаш право да бараш исправка на истите.
ДЗЛП не собира и не чува лични податоци за граѓаните, туку само води Централен регистар на збирките со лични податоци кои ги водат контролорите. ДЗЛП може да ти помогне во остварување на погоре наброените права, посебно правото да бидеш информиран.
Право да бараш исправка и бришење на личните податоци
ЗЗЛП предвидува и право да забраниш да се користат твоите лични податоци. Тоа значи дека ти имаш право да се спротивставиш на контролорот да собира и чува твои лични податоци. Ти имаш право да одбиеш да дадеш твои лични податоци или да забраниш да се користат истите во иднина. За чувствителните податоци како што е здравствената состојба или религиската припадност, потребна е твоја писмена согласност за податоците кои се собираат и чуваат. Се разбира ти не можеш да се спротивставиш да се обработуваат лични податоци за тебе кога тоа е предвидено со закон, (на пример, податоци во твоето школско досие).