Поставувањето на системи за вршење видео надзор секоја година е во постојан пораст. Преку видео надзорот се обработуваат лични податоци, односно податоци кои се однесуваат на идентификувано лице или на лице кое може да биде идентификувано, директно или индиректно, посебно врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, генетски, ментален, економски, културен или социјален идентитет на тоа физичко лице. Како што се зголемува бројот на поставени камери, така се намалува слободата на движење и однесување на луѓето и нивната приватност. Посебно треба да се внимава на видео надзорот на работните места.
Пред започнување на процесот за воспоставување на систем за вршење на видео надзор контролорот е должен да изработи анализа на целта, односно целите за која се поставува видео надзорот. Анализата ги содржи причините за поставување на видео надзорот со образложение на потребата за исполнување на целта, односно целите во согласност со одредбите од Законот за заштита на личните податоци, како и опис на недвижните и движните ствари, односно простор кои ќе се заштитуваат со поставувањето на видео надзорот.
Контролорот може да врши видео надзор во неговите службени или деловни простории ако тоа е потребно за:
- заштита на животот и здравјето на луѓето
- заштита на сопственоста
- заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или
- обезбедување на контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории само за безбедносни цели
Контролорот може да врши видео надзор само на просторот кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен. Тоа значи дека ако се поставува видео надзор заради заштита на сопственоста или контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории само за безбедносни цели, целта ќе се постигне со поставување на камерите само на влезовите од објектот, а не и во ходниците, салите за состаноци, канцелариите, училниците/предавалните, холовите и сл. Секогаш кога се поставува видео надзор треба да се почитува правото на приватност на вработените, клиентите, учениците, студентите, пациентите, купувачите и останатите категории на субјекти на лични податоци.
Работодавецот мора да го почитува начелото на пропорционалност во однос на целта за која се поставува видео надзорот. Вработените имаат право да знаат каде и кога се снимани, односно контролорот задолжително треба да ги извести за вршењето на видео надзор во службените или деловни простории.
Забрането е вршење на видео надзор во гардероби, соблекувални, санитарни јазли и други слични простории.
Субјектот на личните податоци треба да биде информиран кога и кои податоци се обработуваат за него. Според тоа, на објектите што се под видео надзор треба да биде истакнато известување дека се врши видео надзор. Известувањето треба да биде јасно, поставено на видливо место и истакнато на начин што ќе им овозможи на субјектите на личните податоци да се запознаат дека се врши видео надзор. Известувањето треба да содржи информации дека се врши видео надзор, за тоа кој го врши видео надзорот (називот на контролорот), начинот на кој може да се добијат информации за тоа каде и колку време се чуваат снимките од системот за видео надзор.
Контролорот е должен да врши периодична оценка на постигнатите резултати од системот за вршење видео надзор на секои две години, а особено за:
- понатамошната потреба од користење на системот за вршење на видео надзор
- целта, односно целите за вршење на видео надзор и
- можните технички решенија за замена на системот за вршење на видео надзор
Од извршената периодична оценка, контролорот е должен да изработи извештај како составен дел на документацијата за воспоставување на системот на вршење на видео надзор.
Снимките направени при вршење на видео надзорот се чуваат до исполнување на целите за кои се врши, но не подолго од 30 дена, освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок. Снимките од видео надзорот може да се чуваат подолго од наведениот период ако со друг закон е предвиден подолг рок во кој се содржани заштитни мерки и други мерки за заштита на правата и слободите на субјектите на личните податоци, но не подолго до исполнување на целта, односно целите. Исто така, снимките од видео надзорот може да се чуваат подолго од 30 дена, кога тоа е потребно за остварување на легитимниот интерес на контролорот при водење на соодветни постапки согласно закон, за што контролорот воспоставува внатрешни правила за начинот на чување и бришење на снимките.
Снимките направени од видео надзорот може да се дадат на корисници единствено согласно утврдените правила во Законот за заштита на личните податоци.
Во случаите кога контролорот врши обработка на лични податоци со користење на систематско набљудување (мониторинг) на јавно достапен простор во големи размери има обврска да врши проценка на влијанието врз заштитата на личните податоци.
Контролорот е должен да го уреди начинот на вршење видео надзор со посебен акт (Правилник за начинот на вршење на видео надзор).
Во актот за начинот на вршење на видео надзор контролорот задолжително ги определува техничките и организациските мерки за обезбедување безбедност на обработката на личните податоци преку системот за вршење на видео надзор, согласно одредбите од Правилникот за безбедност на обработката на личните податоци, со давање на опис за преземените технички и организациски мерки. Контролорот треба да применува технички мерки со цел да се спречи пристап од далечина до системот за вршење на видео надзор.
Во актот за начинот на вршење на видео надзор контролорот го пропишува и начинот на остварување на правата на субјектите на лични податоци чии податоци се обработуваат преку системот за видео надзор, односно начинот на обезбедување транспарентни информации, комуникација и начини на остварување на правата на субјектот на личните податоци, информации и пристап до лични податоци, остварување на правото на исправка и бришење, остварувањето на правото на приговор и автоматизирано донесување на поединечни одлуки, согласно Законот за заштита на личните податоци.
За остварување на правата на субјектите на личните податоци, контролорот донесува и објавува Изјава за приватност која претставува составен дел на актот за начинот на вршење на видео надзор на контролорот.