Избор на кандидати за вработување

При огласување на слободни работни места, работодавачите добиваат голем број на лични податоци, вообичаено содржани во биографиите на апликантите (CV) – име, презиме, пол, датум на раѓање, телефон, e-пошта адреса, брачна состојба, домашна адреса, претходно работно искуство, образование, лични интереси, фотографии и др.

Се поставува прашањето – што се прави со податоците на апликантите кои не биле избрани на огласот? Согласно Законот за заштита на личните податоци, по спроведувањето на постапката за избор на кандидати за вработување, биографиите со лични податоци на одбиените кандидати треба веднаш да им бидат вратени. Не смее да се задржуваат овие лични податоци, без изречна писмена согласност од апликантите.

Тоа значи дека доколку личните податоци на одбиените кандидати биле испратени по пат на електронска пошта и работодавецот нема согласност од одбиениот кандидат понатаму да биде задржувана неговата биографија со лични податоци, во тој случај работодавецот е должен истите веднаш да ги уништи – трајно избрише или доколку биле испратени по пошта во хартиена форма веднаш да ги уништи на машина -шредер.

Изборот на кандидатите за вработување треба да биде изведена на начин кој гарантира приватноста на кандидатите за вработување. Молбите за работа и биографиите треба да се чуваат на место кое нема да биде достапно за сите вработени и пристап до истите ќе имаат само оние вработени кои се задолжени за избор на кандидатите. Овластените работници, како и сите други вработени кои работат со лични податоци, треба да бидат информирани од работодавците за нивните законски обврски при постапувањето со личните податоци, согласно интерните акти за заштита на личните податоци кои треба да ги има секој контролор. Препорака од Агенцијата е вработените кои работат со лични податоци да потпишат изјава за доверливост и тајност на личните податоци или во договорите за вработување да се вметне ваква одредба.