Во услови на глобализација[1] и брз развој на информатичките технологии, при остварувањето на деловна соработка надвор од границите на секоја од државите, од круцијално значење е конзистентноста на прописите со кои се регулира заштитата на личните податоци, не само за институциите и бизнис заедницата, туку и за поединците.
Со влегување во сила на Општата регулатива за заштита на лични податоци (Регулативата) на 25 мај 2016 година, во земјите членки на ЕУ отпочна процесот на имплементација на одредбите со кои детално и унифицирано се регулира функцијата Офицер за заштита на личните подаатоци (ОЗЛП).
Регулативата не треба да се транспонира во националното законодавство на земјите членки на ЕУ. Таа е правно обврзувачка и директно применлива за сите земји членки на ЕУ. Ова значи дека по истекот на транзицискиот период од две години, односно со отпочнувањето на нејзината примена, одредбите со кои се уредува назначувањето, профилот, позицијата, како и задачите на ОЗЛП, задолжително треба да бидат имплементирани во сите земји членки на ЕУ, а одредбите од националните закони на земjите членки на ЕУ кои се во спротивност со нејзините одредби, да бидат укинати. Деталното и унифицирано регулирање на улогата и задачите на ОЗЛП во сите земји членки на ЕУ, со сигурност ќе обезбеди зајакнување на неговата позиција.
ОЗЛП ќе стане клучна фигура преку која контролорот ќе ја обезбедува и докажува, но и ќе ја демонстрира усогласеноста на неговото работење со прописите за заштита на личните податоци.
На 13 декември 2016 година, Работната група 29[2] (РГ 29) усвои „Насоки за офицерите за заштита на лични податоци“ чија главна цел е да се појасни оддел 4 односно членовите 37, 38 и 39 од Регулативата, со што ќе им се помогне на контролорите во земјите членки на ЕУ полесно да ги имплементираат истите.
Република Македонија како кандидат за членство во ЕУ, односно земја која чека датум за почеток на пристапни преговори за интегрирање во ЕУ има обврска да ја транспонира Регулативата во националното законодавство и да ја имплементира во пракса. Обврската за нејзино транспонирање треба да се заврши што поскоро.
[1] Слобода на институциите, бизнис заедницата и поединците на една држава да иницираат соработка со институциите, бизнис заедницата и поединците на други држави.
[2] РГ 29 е оформена врз основа на членот 29 од Директивата 95/46/EК на Европскиот парламент и Советот. Составена е од претставници од надзорните органи за заштита на личните податоци на секоја земја членка на ЕУ, претставници од Европскиот супервизор за заштита на податоци и претставници на ЕК. Во рамките на надлежностите, РГ 29 дава совети на земјите членки на ЕУ за прашања поврзани со заштитата на личните податоци, дава мислења на ЕК за законите кои ja засегаат заштитата на личните податоци и на сопствена иницијатива дава мислења и препораки за прашања во врска со заштитата на поединците при обработката на нивните лични податоци во рамките на ЕУ. Од јуни 2007 година, ДЗЛП има статус на набљудувач во РГ 29.