Треба да определите офицер за заштита на личните податоци во следниве случаи:

  • доколку сте орган на државна управа;
  • кога вашата основна дејност се состои од операции за обемна обработка кои налагаат редовно и систематско следење на физички лица (на пр., компанија за обезбедување која има систем за видео надзор во неколку трговски центри); и
  • кога вашата основна дејност вклучува обемна обработка на посебни категории на лични податоци (на пр., биометриски податоци, генетски податоци, податоци кои се однесуваат на здравјето) или лични податоци поврзани со казнени пресуди и кривични дела (на пр., активностите за обработка на лични податоци во болница се сметаат за обемна обработка наспроти обработката што ја врши лекарот, која не се смета за обемна обработка на лични податоци).

Важна забелешка! Должни сте на вашата веб-страница, да ги објави контакт деталите за офицерот за заштита на личните податоци и да ги доставите до Агенцијата за заштита на личните податоци.

Законот за заштита на личните податоци пропишува посебни услови за лицето што се определува како офицер за заштита на личните податоци:

  • да ги исполнува условите за вработување попишани со законот за заштита на личните податоци и со друг закон;
  • активно да го користи македонскиот јазик;
  • во моментот на определувањето, со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција за забрана за вршење на професија, дејност или должност;
  • да има стекнато најмалку 240 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) или да има завршено VII/1 степен на високо образование;
  • да има стекнати знаења и вештини во однос на практиките и прописите во областа на заштита на личните податоци.

Пример:

Органите на државната управа, како што се министерствата, институтите, институциите, итн., мора да определат офицер за заштита на личните податоци.

Прочитајте повеќе

Водич за офицери за заштита на личните податоци во јавниот и приватниот сектор

Прирачник за офицерите за заштита на лични податоци

Испратeте известување за офицер за заштита на личните податоци

Освен стручните квалификации, кои други услови се пропишани за офицерот за заштита на личните податоци?

Група компании може да определи еден офицер за заштита на личните податоци, под услов тој/таа да биде еднакво и лесно достапен за сите правни лица од групата и за субјектите на лични податоци, додека во случај на органи на државната управа, еден офицер може да се определи за неколку органи во состав на надлежниот орган.

Офицерот за заштита на личните податоци може да биде вработено лице или да ги извршува задачите врз основа на договор.

Треба да се забележи дека, иако офицерите за заштита на личните податоци може да вршат и други задачи и должности, таквиот ангажман не смее да резултира во судир на интереси бидејќи отсуството на таков судир се смета за независно извршување на задачите и должностите.

Од таа причина, офицерот не смее да биде вработено лице кое учествува во определувањето на целите и методите за обработка на личните податоци.

Освен тоа, не се советува лицата на одредени позиции во рамките на компанијата кои може да имаат судир на интереси да бидат определени како офицери за заштита на личните податоци, на пример, лица кои извршуваат високи менаџерски позиции (извршен директор, главен оперативен директор), раководители на оддели за маркетинг, раководители на оддели за управување со човечки ресурси, администратор на информацискиот систем итн., но и лица кои имаат пониски позиции во рамките на компанијата, доколку таквата позиција подразбира определување на целите и методите за обработка на личните податоци.

Задачите на офицерот за заштита на личните податоци вклучуваат давање совети на контролорот за сите прашања од областа на заштита на личните податоци.

Контролорот и обработувачот треба да се осигурат дека офицерот за заштита на личните податоци е соодветно и навремено вклучен во сите прашања од областа на заштита на личните податоци.

Според законот, задачите и должностите на офицерот за заштита на личните податоци вклучуваат и следење на усогласеноста и обука на вработените.

Од овие причини, офицерот за заштита на личните податоци е од голема вредност за секоја организација, и затоа Агенцијата за заштита на личните податоци препорачува вакви офицери да бидат определени дури и кога правните лица немаат таква обврска.