Заштита на приватноста на работното место
Секој работник очекува да има приватност на работното место, дури и кога ги користи работните простории и опремата на работодавецот. Се разбира работењето за друг би значело и делумно откажување од својата приватност. На работодавецот му се потребни основните лични податоци на работникот заради плаќање на придонеси, осигурување итн. Работодавецот треба да се грижи за безбедноста на работниците и за ефикасното извршување на работните задачи.
Прекршувањето на приватноста на работното место постоело и ќе постои. Во современото општество тоа е поочигледно (на пример, преку спроведување на разни психолошки тестови, електронско пребарување на досиејата, видео надзорот, со кликнување (притискање) на мониторот, генетските тестирања, но податоците што работодавците можат да ги знаат за работниците се ограничени.
Потребата на работодавецот да знае и правото на приватност на работникот може да се балансира, доколку собирањето, чувањето и обработката се прави точно за определена цел.
За секоја промена на личните податоци, работникот е должен да го извести работодавецот во рок од 15 дена од настанатата промена.
- Работодавецот треба да го запознае работникот кои лични податоци ги обработува, зошто ги обработува и за која цел ќе ги користи.
- Обработувањето на личните податоци и нивното откривање е можно само со претходна согласност на вработениот.
- Работодавецот треба да ги обработува само оние лични податоци кои се потребни за одредената цел и тоа да биде законито (согласно со законот).
- По правило работодавецот ги обработува или ги открива личните податоци само за целта за која ги собира и ќе ги чува онолку време колку е потребно за остварување на таа цел. Исклучок е кога работникот ќе се согласи неговите лични податоци да се користат за друга цел или доколку постои правен основ за тоа.
- Досието со лични податоци на вработениот треба да е точно, целосно и ажурирано.
- Вработениот треба да има пристап до неговото досие со лични податоци и има право да бара исправка и комплетирање на податоците.
Заштитата на личните податоци на работниците е регулирана со Законот за работните односи.
Личните податоци на работниците и кандидатите за вработување можат да се собираат, обработуваат, употребуваат и доставуваат на трети лица само ако е тоа определено со овој или друг закон или ако е тоа потребно заради остварување на правата и обврските од работниот однос или во врска со работниот однос.
Личните податоци на работниците и кандидатите за вработување може да ги собира, обработува, употребува и доставува на трети лица само работодавачот или работникот, кого работодавачот за тоа посебно го овластил.
Личните податоци на работниците, за чие собирање не постои повеќе законска основа, мораат веднаш да се избришат и да престанат да се употребуваат.
Согласно Законот за евиденција во областа на трудот, евиденцијата за вработените работници ги содржи овие лични податоци:
1. име, татково име и презиме на работникот;
2. единствен матичен број на граѓанинот;
3. ден, месец и година на раѓање;
4. место на раѓање;
5. пол
6. живеалиште и адреса;
7. припадност на заедницата;
8. место на работа
9. степен и вид на завршено образование;
10. степен на стручна подготовка;
11. работно време на работникот;
12. стаж на осигурување до стапување на работа кај работодавецот;
13. траење на работниот однос;
14. дали е трудов инвалид;
15. датум на засновање на работниот однос;
16. датум на престанок на работниот однос.
Дали правото на приватност на вработените е во судир со правото на работодавецот да управува
Работодавците имаат обврска физички да го обезбедат објектот, а тоа во некои ситуации подразбира поставување на видео надзор, а со цел да се спречи „протокот“ на доверливи информации, кражби, несоодветно однесување на работното место.
„Мешањето“ на работодавецот во приватноста на вработените треба да се сведе на минимум.
Спречувањето на злоупотребите на работното место е важно, но многу подобро е работодавецот да донесе интерни акти за спречување на таквите злоупотреби, да организира обуки за работниците за зголемување на продуктивноста во работењето, изрекување на соодветни дисциплински мерки за сторената злоупотреба на работно место, отколку ограничување на приватноста на работното место.
Работодавецот треба да ги информира вработените кои лични податоци ќе ги собира, обработува и чува. Исто така, вработените треба да бидат запознаени со внатрешната политика на организацијата (на пример, како да користи интернет, е-пошта, телефон итн.). Доколку вработениот е под видео надзор, за тоа задолжително треба да биде информиран.
Податоците кои работодавецот ги користи за една цел не смее да ги искористи за некоја друга цел, без претходна согласност на работникот.