За одделни категории на лични податоци со Законот за заштита на личните податоци е предвидена посебна заштита, како што се:
- расно потекло;
- религиозно уверување;
- политичко мислење;
- национална припадност;
- членство во синдикална организација;
- податоци за здравствената состојба;
- биометриските податоци; и
- податоци за сексуалниот живот.
Посебната заштита која ја уживаат овие категории на лични податоци произлегува од фактот што со нивната злоупотреба и неовластено користење и откривање се кршат и останатите фундаментални човекови права, а не само правото на заштита на личните податоци.
Обработката на посебните категории лични податоци е забранета, освен:
- кога субјектот на лични податоци дал изречна согласност за обработка на тие лични податоци за една или повеќе конкретни цели;
- кога обработката е неопходна за целите на извршување на обврските и остварувањето на посебните права на контролорот или на субјектот на личните податоци во областа на вработувањето и социјалната сигурност и во прописите за социјална заштита, доколку тоа е дозволено со закон или колективен договор;
- кога обработката е неопходна за заштита на суштинските интереси на субјектот на личните податоци или на друго физичко лицето;
- кога обработката се извршува во рамките на легитимните активности со соодветни заштитни мерки од одредена фондација, здружение или некоја друга непрофитна организација со политичка, филозофска, религиозна или синдикална цел и под услов обработката да се однесува само на членови на овие организации или на нивни поранешни членови или на лица кои имаат редовни контакти со нив во врска со нивните цели и под услов личните податоци да не се откриваат надвор од таа организација без согласност на субјектите на личните податоци;
- кога обработката се однесува на лични податоци, кои очигледно се објавени јавно од субјектот на личните податоци;
- кога обработката е неопходна за воспоставување, практикување или одбрана на правни барања или секогаш кога судовите дејствуваат во рамките на нивните надлежности;
- кога обработката е неопходна поради причини од јавен интерес врз основа на закон пропорционално на целта и почитување на суштината на правото на заштита на личните податоци, како и обезбедување соодветни и конкретни мерки за заштита на фундаменталните права и интереси на субјектот на личните податоци;
- кога обработката е неопходна за целите на превентивна или трудова медицина, за проценка на работоспособноста на вработениот, медицинска дијагноза, обезбедување на здравствена или социјална нега или третман или за целите на управување со услугите и системите за здравствена или социјална заштита;
- кога обработката е неопходна за целите од јавен интерес во областа на јавното здравство;
- кога обработката е неопходна за целите на архивирање од јавен интерес, за целите на научни и историски истражувања или статистички цели.
.