Обработката на лични податоци преку систем за видеонадзор налага исполнување на сите услови пропишани во ЗЗЛП.

Прво, контролорот може да врши видеонадзор на службените простории само доколку смета дека тоа е потребно за:

  • заштита на животот и здравјето на луѓето;
  • заштита на приватната сопственост;
  • заштита на животот и здравјето на вработените, поради природата на работата што се извршува; или
  • контрола на движењето во и надвор од службените простории.

Обработката мора да биде законска. Најчестиот правен основ за обработка на лични податоци преку видеокамери е легитимен интерес согласно член 10, став (1), точка ѓ) од ЗЗЛП (други можни правни основни се законска обврска и согласност).

Кога податоците се обработуваат врз основа на легитимен интерес, контролорот треба да направи тест за легитимен интерес за да утврди што преовладува во конкретниот случај: легитимниот интерес на деловниот субјект или правото за заштита на лични податоци на физичкото лице.

Ако контролорот го докаже легитимниот интерес за вршење на видеонадзор, мора да ги извести субјектите на лични податоци преку неговата политика/изјава за приватност, но треба да објави и известување согласно член 89, став (3) од ЗЗЛП.

Ваквото известување мора да биде јасно, видливо и јавно на начин кој им овозможува на субјектите на лични податоци да бидат информирани дека се врши видеонадзор.

Известувањето треба да ги содржи следниве информации:

  • дека е поставен систем за видеонадзор;
  • име/назив на контролорот што го врши видеонадзорот;
  • начин на кој може да се добијат информации за местото и периодот на чување на снимките од системот за видеонадзор;
  • субјектите на лични податоци треба да бидат информирани за обработката на лични податоци согласно членовите 17 и 18 од ЗЗЛП.

Исто така, контролорот треба да ги извести вработените дека во службените простории има поставено систем за видеонадзор.

Според член 90 од ЗЗЛП, контролорот треба да го регулира начинот за вршење видеонадзор преку посебен акт (пример за организациски мерки).

Освен тоа, член 92 од ЗЗЛП и посебните законите за безбедност и здравје при работа или за конкретен сектор (банкарство, сектор безбедност) пропишуваат спроведување анализа и периодични проверки бидејќи може да постојат и други барања поврзани со предметната материја.