Субјектите на лични податоци имаат право од контролорот да побараат да ги избрише нивните лични податоци, при што контролорот е обврзан да ги избрише таквите податоци во рок од 30 дена по приемот на барањето.

Контролорот треба да обезбеди информации за дејството што го преземал во однос на барањето за бришење на личните податоци (право да се биде заборавен) без непотребно одлагање и најдоцна во рок од еден месец по приемот на барањето.

Овој рок може да се продолжи за два дополнителни месеци кога тоа е неопходно, со оглед на сложеноста и бројот на поднесени барања. Во таков случај, контролорот треба да го извести лицето за ваквото продолжување во рок од еден месец од приемот на барањето, заедно со образложение на причините за одложувањето.

Важно е да се напомене дека правото на бришење на личните податоци (право да се биде заборавен) не е апсолутно. Меѓу другото, тоа не се применува:

  • за остварување на правото на слобода на изразување и информирање (на пр., за новинарски цели);
  • кога контролорот има законска обврска за обработка на лични податоци (на пр., обработка на евиденција за работните часови на вработените);
  • во случај на вршење работи од јавен интерес или јавно овластување (на пр., за целите на научни истражувања или за целите на архивирање од јавен интерес, за научни или историски истражувања или за статистички цели, при што бришењето на личните податоци ќе ја направи обработката невозможна или сериозно ќе го попречи остварувањето на целите на таквата обработка, или кога се врши попис на населението во земјата); и
  • за утврдување, остварување или одбрана на правни барања.