На 1 јуни 2021 година започна со имплементација твининг проектот „Поддршка во имплементација на модернизираната национална рамка за заштита на личните податоци“, финансиран од Европската унија.
Главната цел на проектот е да се подобри заштитата на основните човекови права и националниот систем за заштита на личните податоци во Република Северна Македонија согласно стандардите на законодавството на Европската унија. Специфична цел на проектот е да се подобрат перформансите на Агенцијата за заштита на личните податоци за спроведување на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци преку зајакнување на институционалните капацитети, правната и регулаторната рамка и јавната свест за заштита на личните податоци.
Твининг проектот „Поддршка во имплементација на модернизираната национална рамка за заштита на личните податоци“ ќе се спроведува во период од 18 месеци. Преку проектот е планирано е да се остварат повеќе резултати:
- Изработка на водичи за имплементација на новините од Законот за заштита на личните податоци на следните теми: транспарентност и правата на субјектот на личните податоци, право на преносливост на личните податоци, проценка на влијанието на заштитата на личните податоци, техничка и интегрирана заштита на личните податоци (data protection by design and by default), техники за псевдонимизација и анонимизација, обработка на личните податоци за научни, историски и статистички цели, пренос на личните податоци, донесување на автоматски одлуки вклучително и профилирање;
- Изработка на стандардни оперативни процедури за ефикасно извршување на новите надлежности на Агенцијата кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци;
- Изработка на методологија за хармонизација на секторската регулатива и проценка на влијанието на заштитата на личните податоци уредена во Законот за заштита на личните податоци;
- Јакнење на капацитетите на вработените во Агенцијата и вработените од други релевантни државни институции и органите за спроведување на закон преку организирање на работилници поврзани со новините од Општата регулатива за заштита на личните податоци и таканаречената Полициска директива; и
- Подготовка на нови алатки за контролорите и граѓаните за полесна имплементација на Законот за заштита на личните податоци.
Вкупен буџет: 700.000 евра
Одговорни лица од проектот од земјите-членки на ЕУ:
Игор Вулје, лидер на проектот
Лукас Гундерман, втор проект лидер
Сања Силај Земан, постојан советник на проектот
Одговорни лица од АЗЛП:
Имер Алиу, лидер на проектот од страна на институцијата корисник
Слободанка Славковска, постојан советник на проектот од страна на институцијата корисник.
Корисник на проектот: Агенција за заштита на личните податоци (АЗЛП)
Конзорциум што го спроведува проектот:
Агенција за заштита на личните податоци (АЗОП) од Република Хрватска
Германска фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ) од Сојузна Република Германија.