Проектот „Час по приватност“  е проект наменет да се реализира во сите средни училишта на Град Скопје и претставува почеток на заедничките активности меѓу Дирекцијата за заштита на личните податоци и Град Скопје. Проектот има за цел да ја доближи до средношколците проблематиката од областа на заштита на личните податоци, препораки за безбедно користење на социјалните мрежи, неширење на говор на омраза и слично.

Проектот е предвидено да ги опфати сите 21 средни училишта на Град Скопје, а неговиот почеток ќе го означи училишното ѕвонче на 15 септември. Активностите во склоп на проектот се целосно во насока на едукација, а резултатите треба да придонесат кон сузбивање и превенција од злоупотреби на личните податоци на интернет, на социјалните мрежи, како и намалување на бројот на регистрирани злосторства од омраза.

Дирекцијата за заштита на лични податоци во континуитет спроведува иницијативи и проекти за подигање на јавната свест, особено кај целните групи во образование. Како главен двигател на идејата за отпочнување на еден ваков проект е несомнено зголемениот број на добиени претставки за злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи, за нарушување на приватноста, како и статистиката која говори во прилог на непознавањето на политиките за приватност од страна на деца, родители, наставници, индикативната употреба на говор на омраза, изнесување невистини во сајбер просторот од различни возрасти и националности, итн.

Анализата на Дирекцијата за заштита на личните податоци покажа дека:

  • 46% од учениците тврдат дека додека користат социјални мрежи се консултираат со политиките на приватност, додека 37% тоа го прават само понекогаш;
  • 83% од родителите веруваат дека и децата треба да внимаваат на своите лични податоци;
  • Социјалните мрежи најмногу ги плашат родителите, па 68% сметаат дека ова е најголемата закана;
  • 76% од родителите сметаат дека децата недоволно се едуцираат во училиштето кое го посетуваат;

Националната образовна политика и стратегија за развој на образованието de facto мора да ги следи новите развојни процеси и потреби кои произлегуваат од модерното (ИКТ) живеење. Од друга страна, прашањето кое се обработува, веќе не е само по себе прашање кое институционално треба да се реши, туку за истото има потреба од системски издржани и адекватни реформи и дополнувања на наставната содржина, со цел ефективна употреба на ИКТ во образованието, но и градење општество без злоупотреби на интернет, за да одговориме на национално ниво на барањата на конкурентност и поврзаност наметнати од страна на глобалните и европските општества и модернизацијата на нивните образовни системи.

Повеќе од потребно е воведување итна мерка за ефективна промена и дополнување на наставната содржина во образовниот процес и примена на концептот на заштита на личните податоци и правото на приватност во наставата – тоа е всушност и самата идеја за внесување на насловот „Час по приватност“ во распоредот на часови – темите да се разработуваат првично на класен час, бидејќи правото на приватноста, заштитата на личните податоци, како и безбедноста на интернет и ширењето на говорот на омраза се теми кои ја погодуваат младата популација, учениците, студентите, наставниците, па и родители. Токму ваквата иницјатива е во насока на доближување на материјата и комплексноста на темите до средношколците, со што ќе се овозможи едукација на повеќе целни групи во воспитно-образовниот процес. Инспектори и едукатори од Дирекцијата за заштита на лични податоци ќе одржат предавања во сите средни училишта со што ќе се пренесат знаења на:

  • раководството во средните училишта во Град Скопје (21 менаџери- директори,
  • 40 од педагошко -психолошкиот сектор – едукатори,
  • 1000 (класни) наставници,
  • 80.000 ученици и нивни родители

На 01 Септември , 10.000 примероци од распоред на часови, каде првиот час во распоредот во понеделник (класниот час) е обележан како Час по приватност беа широко дистрибуирани преку дневниот весник, со што на симболичен начин се најави почетокот на овој проект.

Покрај предавањата, во секое средно училиште е предвидено отварање на посебно информативно катче со брошури, флаери, содржини, информации за тоа каде да се обратат, како да постапат доколку им се злоупотребени личните податоци, итн.

Анализи,прирачници и презентации 

Видеа

Обука на координатори од проектот “ЧАС ПО ПРИВАТНОСТ”

Училишта                

*** Проектот е поддржан од: