Почитувани контролори,
Ве покануваме да ја пополните анкетата во врска со свеста за заштита на личните податоци и разбирањето на обврските од Законот за заштита на личните податоци!
Доколку во рамките на вашата дејност обработувате лични податоци, тогаш Законот за заштита на личните податоци се однесува и на вас. Важно е да се знае дека Законот за заштита на личните податоци се применува и за личните податоци на вашите вработени. Ако мислите дека не обработувате лични податоци, размислете уште еднаш! Дали вршите видео надзор во вашите простории? Дали како дел од вашата дејност испраќате промотивни материјали до клиентите и дали објавувате фотографии на социјалните медиуми? Дали ги чувате резултатите од тестирањето на вашите студенти? Дали ги копирате личните карти на вашите гости? Дали собирате лични податоци преку т.н. колачиња на вашите официјални веб страници? Запомнете, дури и кога чувате лични податоци на вработените или на клиентите само во папка, тоа се смета за обработка на лични податоци.
Заштитата на личните податоци е основно човеково право загарантирано во член 18 од Уставот на Република Северна Македонија и гарантира заштита од повреда на личниот интегритет како резултат од запишување лични информации преку автоматизирано и неавтоматизирано обработување на лични податоци. Во Европската Унија, правото на заштита на личните податоци претставува основно право и истото е заштитено со Општата регулативата за заштита на податоците.
За да се осигури исто ниво на заштита на личните податоци за граѓаните на Република Северна Македонија и да се биде во чекор со европското законодавство, во февруари 2020 година беше донесен нов Закон за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/20) со кој се транспонира Регулативата 2016/679 на ЕУ за заштита на личните податоци (GDPR).
На 24 август 2021 година, целосно отпочна да се применува Законот за заштита на личните податоци.
Оваа анкета ќе ви помогне да ги утврдите и да ги разберете вашите обврски што произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци.
Освен тоа, анкетата ќе и помогне на Агенцијата за заштита на личните податоци да добие подетални сознанија за потребите на контролорите во Република Северна Македонија. Врз основа на наодите од анкетата, ќе изработиме упатства и алатки за отчетност прилагодени на вашите потребите, и на тој начин ќе ве поддржиме во покажувањето одговорност и постигнување сообразност со Законот.
Пополнувањето на оваа анкета ќе одземе околу 25 минути од вашето време.
Анкетата може да ја пополнуваат сите лица кои се вработени и ангажирани од страна на контролорите.
Анкетата се спроведува анонимно, а резултатите ќе се темелат на агрегирани податоци.
Ве молиме да ја споделете оваа порака со сите ваши вработени, партнери, соработници и членови.
*Анкетата се спроведува како дел од активностите на твининг-проектот „Поддршка во спроведувањето на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци“, финансиран од Европската Унија.
Линк до анкетата: https://ec.europa.eu/eusurvey/runner/personal-data-protection-survey
Агенција за заштита на личните податоци
На 05.06.2024 година Агенцијата за заштита на личните податоци преку […]
Надзорните органи за заштита на личните податоците на Северна Македонија, […]
На покана на хрватската Агенцијата за заштита на личните податоци […]