Published On: јануари 27, 2023Categories: Вести, Новости

Во пресрет на Европскиот ден за заштита на личните податоци 28 јануари, во „Европската куќа“ денеска на 27 јануари 2023 година се одржа конференција „Заедно за заштита на личните податоци“, во организација на Агенцијата за заштита на личните податоци, Делегацијата на Европската Унија, Фондацијата Метаморфозис и Центарот за правни истражувања и анализи.

Во воведното обраќање директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци Имер Алиу се осврна на важноста на заштитата на личните податоци како едно од основните човекови права.

„Овој  Европски ден на заштитата на податоците е малото поттикнување што ни треба на почетокот на секоја нова година за да дадеме приоритет на заштитата на нашите лични податоци. Ние веќе живееме во дигитален свет и нашата постојано зголемена зависност од новите технологии за управување со секој аспект од нашите животи бара, сега повеќе од кога било, да се насочиме кон остварувањето на основното човеково право на  заштитата на личните податоци  и приватноста.“

Во однос на процесот на усогласување на секторската легислатива со Законот за заштита на личните податоци, директорот Алиу истакна дека нема посебен напредок од причина што доследно не се применуваат одредбите од Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија, односно непочитување на обврската за доставување на материјали, предлог закони, подзаконски акти и други прописи кои се на кој било начин поврзани со заштитата на личните податоци до Агенцијата од страна на предлагачите (министерствата и другите органи). Од друга страна министерствата и другите органи при конципирањето на законските и подзаконските решенија, не ги почитуваат мислењата, укажувањата препораките дадени од Агенцијата.

Директорот Алиу истакна дека Агенцијата ќе се труди да го зајакне својот независен и самостоен статус, особено во областа на управувањето со човечки ресурси и во обезбедувањето на независни буџетски средства, бидејќи сето тоа е неопходно за да може да се имплементира законската регулатива за заштита на личните податоци.

„Во тој контекст, потребно е да се обезбедат нови вработувања, како и да се обезбедат дополнителни финансиски средства за мотивирање, задржување и понатамошно професионално усовршување на човечките ресурси во Агенцијата со цел да се спречи заминување на постојниот стручен и обучен кадар.“

Во наредните три месеци Агенцијата со поддршка на Европската унија ќе работи на подготовка на нова десетгодишна стратегија за заштита на личните податоци.

Директорот на Агенцијата на крај на говорот испрати честитки по повод Европскиот ден за заштита на личните податоци и упати порака „Грижете сѐ за вашите лични податоци“.

Во ера на технологија, интернет и глобализација, заштитата на личните податоци станува сè поважна секој ден, рече во своето обраќање Штефен Худолин, шеф на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.

Штефен Худолин ја истакна потребата од целосно имплементирање на Законот за заштита на лични податоци и обезбедување на адекватни ресурси на Агенцијата. Доколку не се обезбедат доволни ресурси тоа ќе има негативно влијание врз имплементацијата на Законот за заштита на личните податоци. Според него, Агенцијата за заштита на личните податоци треба да биде дел од сите консултации и преговори во однос на заштитата на личните податоци и потсети дека последниот извештај на Европската комисија за земјава во оваа област ја уважи посветеноста и работата на Агенцијата, како и постигнатиот прогрес во однос на усогласувањето во делот на заштитата на личните податоци на ЕУ. Работата на Агенцијата и примената на легислативата за заштита на личните податоци се дел од Поглавјето 23.

„Да размислиме пред да кликнеме“, е пораката што Худолин ја упати по повод Европскиот ден на заштита на личните податоци.

Соодветната примена на законите, вклучително и на Законот за заштита на личните податоци, освен што е обврска за сите и темелна вредност на нашиот уставен поредок, е многу важна цивилизациска придобивка. Градењето култура на заштита на личните податоци и на приватноста не е и не може да биде обврска на еден поединец, една институција или организација. Сите ние, и како поединци, и како претставници на институциите, граѓанските организации, бизнисите и слично, треба да дадеме придонес кон овој процес, рече во своето обраќање програмската директорка на Фондација Метаморфозис, Данче Даниловска Бајдевска.

Таа додаде оти ова подразбира вклучување во обликувањето на дигиталната агенда и примената на дигиталните технологии, но и подобро и посериозно осврнување на етичките и правните импликации што дигиталните технологии ги носат.

„Нашата порака е дека не треба да се плашиме од дигиталните технологии, не треба да создадеме отпор кон дигитализацијата, напротив треба да ги користиме, но истовремено да бидеме ангажирани, да учиме едни од други како безбедно да ги користиме во наша полза. Сметаме дека се потребни се повеќе ресурси за да се залагаме за општество во кое ангажирани и свесни граѓани активно се служат со иновативни алатки за остварување на своите граѓански права и одговорности. Со повеќе ресурси и заеднички ангажман целта е да постои соодветната примена на законите, вклучително и на Законот за заштита на личните податоци, којшто е многу важна цивилизациска придобивка во однос на заштитата на приватноста“.

Според изјавата на Лидија Стојкова-Зафировска, претседателката на Извршниот одбор на Центарот за правни истражувања и анализи “Судската заштита на правото на заштита на личните податоци и приватноста е од суштинска важност за целосно остварување на ова право, согласно меѓународните и европските правила и стандарди. Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници ќе работат со правосудството обезбедувајќи експертиза и приближување на праксата на Европскиот суд за човекови права во областа на заштита на личните податоци во дигиталниот простор. Ова е нова и динамична област и граѓаните треба да се сигурни дека институциите одговорно ќе ги заштитуваат нивните права, што неминовно ќе резултира со зголемена доверба во системот.”

Во вториот дел од конференцијата се одржа дискусија на тема „На што работиме“.

Емес Савоиа – Келети, офицер за заштита на податоци во Европската служба за надворешно дејствување истакна дека повеќе не е прашање дали личните податоци треба да бидат заштитени.

„Постои тренд голем број на земји да усвојуваат закони за заштита на приватноста кои се инспирирани од европското законодавство и ние сме многу горди на тоа. Се разбира дека наидуваме и на предизвици бидејќи поединците сакаат да имаат заштитени податоци и приватност, а бизнисите, пак, препознаваат дека заштитата на личните податоци им придава конкурентска вредност. Тие знаат дека мора да стекнат доверба од корисниците во нивните услуги“, потсетувајќи дека Северна Македонија е една од првите кои ја потпишаа и ратификуваа Конвенцијата на Советот на Европа која се однесува на заштитата на личните податоци.

„Треба да водите грижа, не само за сопствените, туку и за податоците за останатите. Треба да бидеме одговорни. Никогаш не станало збор за забрана на користење на лични податоци, туку станува збор за обврската да се земат предвид правилата коишто важат и ова треба да го правиме со особена грижа и внимание. Приватноста на податоците не е нешто што е убаво да се има, туку е нужно да се има“, додаде Еавоиа – Келети.

Слободанка Славковска од Агенцијата за заштита на личните податоци ја претстави новата веб страница на Агенцијата која е изработена со поддршка на Европската унија.

Во текот на дебатата претставникот на Агенцијата упати пораки до граѓаните и контролорите.

Таа ги потсети министерствата и другите институции при подготовка на предлог законите и подзаконските акти во кои предвидуваат обработка на лични податоци да побараат мислење од Агенцијата.

„Претходната година имавме законски решенија кои предизвикаа негативни реакции во јавноста, а Агенцијата воопшто не беше консултирана.“

Во случај на нарушување на безбедноста на личните податоци, а притоа постои ризик за правата и слободите на граѓаните сите контролори и обработувачи имаат обврска во рок од 72 часа да го пријават нарушувањето до Агенцијата и во одредени случаи и до засегнатите граѓани.

При користење на нови технологии контролорите да бидат одговорни и отчетни кога обработуваат лични податоци.

„Не ретко сме сведоци како наши сограѓани претрпеле огромна материјална штета од неодговорното однесување на некои контролори поради тоа што не примениле соодветни мерки за заштита на личните податоци.“

Сите граѓани без оглед на возраста треба да се одговорни кога споделуваат лични податоци.

„Често сме сведоци како граѓаните без проблем за да добијат награда, кога аплицираат за нешто, или за да отидат на патување, споделуваат лични податоци вклучително и слики од лични карти и пасоши на е-маил, Вибер, Фејсбук итн. не водејќи сметка кој е од другата страна. Ваквите постапки на граѓаните понекогаш може да им предизвикаат парична загуба, нарушување на угледот и честа, но некогаш може да чинат и нечиј живот. Затоа потребно е сите да сме одговорни за своите постапки.“

Измината година, но и оваа Агенцијата добила повици и пораки од голем број контролори дека примаат пораки на е-маил од компании кои им нудат разни услуги, производи и алатки за усогласување со Законот за заштита на личните податоци. Често пати во пораките се повикувале дека Агенцијата тоа го бара и ако го немаат ќе бидат казнети.

„Агенцијата во ниеден случај ниту стои, ниту ги поддржува ваквите компании и поединци кои ја злоупотребуваат Агенцијата. Сите информации, обрасци и документи кои ги нуди Агенцијата се достапни бесплатно за сите граѓани и контролори и единствен релевантен извор на информации е веб страницата на Агенцијата.“

По повод Денот за заштита на личните податоци Агенцијата е достапна и на LinkedIn и сите заинтересирани граѓани и контролори можат да и се приклучат.

Весна Радиновска од Фондација Метаморфозис го претстави проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“. Таа додаде дека организацијата секојдневно е во контакт со контролорите, кои информираат за тоа колку тешко оди имплементирањето на законот, најмногу поради недостатокот на ресурси, но и инфлацијата, енергетската криза и ковид-пандемијата.

Милена Јосифовска од Центарот за правни истражувања и анализи го претстави новиот проект “Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот” кој ќе го имплементираат во соработка со Македонско здружение на млади правници. Проектот е финансиски поддржан од ЕУ и ќе започне со имплементација во февруари оваа година.

Во рамки на проектот ќе се испорачаат обуки за заштита на лични податоци и заштита на фундаменталните права во дигиталниот свет за судии и јавни обвинители, ќе се утврдат празнините во правната рамка со фокус на правосудството и неговите капацитети да овозможи ефикасна правда за заштита на овие права, ќе се зајакне дијалогот меѓу клучните институции и преку кампања ќе се едуцираат граѓаните за правните инструменти кои им стојат на располагање за заштита на правото на приватност во онлајн просторот.

Слични вести

Погледни ги сите
  • Агенцијата апелира до сите институции да посветат поголемо внимание на […]

    Прочитај повеќе
  • На 19 јули 2023 година, директорот на Агенцијата Имер Алиу […]

    Прочитај повеќе
  • На денешен ден пред 18 години (22 јуни 2005 година) […]

    Прочитај повеќе