
Денес, 7 октомври 2022 година, во хотелот Мериот, Скопје, беше организирана завршната конференција на твининг-проектот „Поддршка во спроведувањето на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци“, финансиран од Европската Унија. Проектот го спроведуваат Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Хрватска и Германската фондација за меѓународна соработка (ГИЗ), а корисник е Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Северна Македонија.
Конференцијата ја отвори директорот на Агенцијата г-н Имер Алиу, поздравувајќи ги твининг партнерите и изразувајќи го своето задоволство од успешното заокружување на проектот. Директорот нагласи дека преку заеднички напор на експертите од Хрватска и Германија и вработените на Агенцијата беа остварени импресивни резултати, со што беше реализирана главната цел на проектот, а тоа е полесна имплементација на Законот за заштита на личните податоци. Ова беше постигнато во текот на 18 месеци преку одржувањето на стручни обуки за вработените од Агенцијата како и учесници од јавниот и приватниот сектор, изработката на водичи, насоки, анализи, методологија за хармонизација на секторските закони, како и активности за подигнување на јавната свест за заштита на личните податоци и приватноста, особено кај младите.
Г-н Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, ја потврди исклучително значајната улога на националните органи за заштита на личните податоци која ја играат во гарантирањето на заштитата од повреда на личниот интегритет и заштита и на другите човекови права и фундаментални слободи при собирањето, обработката и употребата на личните податоци. Претседателот на Собранието истакна дека за вработените во Агенцијата да бидат целосно подготвени и доследни на очекувањата од нив, неопходно е да бидат стручно подготвени и законски поткрепени во секој сегмент од своето делување. ,,Морам да се осврнам на уште една битна компонента по ова прашање а тоа е политичката, финансиската и функционалната независност и самостојност на Агенцијата за заштита на личните податоци. Таа е установена со закон и за истата треба да се создадат услови за да може да функционира ефикасно и ефективно. Таа независност е нужна за да може Агенцијата да ги извршува своите надлежности, задачи, овластувања и одговорности, кои сега се проширени и за кои се разбира треба да е поткрепена и со доволен број на стручни и професионални извршители. При тоа, извршителите да водат сметка да не ги злоупотребуваат овластувањата и статусот што го има Агенцијата и самите тие како вработени и да не се раководат од лични, деловни и финансиски интереси туку во секоја своја постапка да го штитат угледот на Агенцијата и својот личен интегритет, секако. Јас сум убеден дека доколку сите ние го дадеме својот личен придонес во својот сегмент на делување и Агенцијата, меѓутоа и нашите граѓани ќе бидат позадоволни и ќе имаат поголема доверба во државата и државните институции.“, заклучи г-н Талат Џафери.
Директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Хрвтаска, г-н Здравко Вукиќ, им се заблагодари на сите кои беа дел од проектот и изрази задоволство од остварените резултати. Тој се осврна на соработката меѓу агенциите и ја нагласи подготовката за понатамошна соработка и размена на искуства, посебно во однос на отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ на Северна Македонија.
Како раководител на секторот за економски прашања, градење институции и прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ, г-ѓа Мариа Канелопулу, зборуваше за важните аспекти поврзани со градењето на државните институции од аспект на подготовките на државата за преземање на обврските од законодавството на ЕУ. Потоа следуваа обраќања на Н.Е. Нивес Тигањ и Н.Е. Анке Холштајн, амбасадорките на Хрватска и Германија, кои се држави партнери во спроведувањето на ЕУ твининг проектот. Нивните екселенции ја нагласија важноста на твининг проектите како инструменти за институционална соработка помеѓу земјите партнери од ЕУ и земјата корисник со цел да се постигнат конкретни резултати преку извршувањето на взаемни активности.
Првиот дел од официјалната програма беше посветен на резултатите и успесите постигнати во рамките на проектот, како тие придонесуваат кон зајакнати капацитети и развиена свест за заштитата на личните податоци во земјата, со осврт на следните чекори кои ќе обезбедат доследна примена и натамошно подобрување на правната рамка. Во овој дел обраќања имаа г-н Игор Вуље, заменик директор на АЗОП и раководител на проектот; г-ѓа Сања Силај Земан, постојан твининг советник; г-ѓа Катерина Тегедер од партнерската организација ИРЗ, и г-ѓа Слободанка Славковска, раководител на одделение за супервизија од АЗЛП.
Настанот беше заокружен со панел дискусија на тема „Безбедност на личните податоци“, со учество на претставници од партнерските институции, државниот сектор, граѓанското општество и бизнис заедницата, кои зборуваа за правните и техничките аспекти поврзани со безбедноста на обработката на лични податоци и важноста на истото во модерниот дигитален свет.
Агенцијата за заштита на личните податоци, Центарот за правни истражувања […]
Претставници на Агенцијата за заштита на личните податоци учествуваа на […]
Директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци г. Имер […]